Професорот од Машинскиот факултет Ристо Цицонков направи анализа од аспект на предложените блок – тарифи за одредување на висината на сметките за домаќинствата. Според него, просечно домаќинство, опремено со потребните електрични апаразти, од пегла, преку компјутер, телевизор, машина за перење, до бојлер, со нормално користење на апаратите, лесно ќе потроши киловати струја од повисоките тарифи, а веројатно и ќе мора да плаќа по највисоката тарифа ако користи и клима со инвертер, на што пак беше мотивирано од властите.

Во својата анализа професорот напиша:

Овие денови Регулаторната комисија за енергетика излезе со предлог за воведување на блок-тарифи за потрошувачите на електрична енергија со цел оние потрошувачи што трошат повеќе електрична енергија да плаќаат повеќе. Овој предлог има и други позитивни страни. Со цел да припадне во што понизок блок, потрошувачот ќе биде мотивиран да ја намали потрошувачката, односно да штеди енергија, а од тоа има неколку бенефити: помали сметки на корисниците, помало производство и увоз не електрична енергија, помало загадување (од термоелектраните), помалку емисии на стакленички гасови итн.
Меѓутоа, предложените вредности на границите меѓу блок-тарифите не се соодветно одредени, а тие се:

блок 1: потрошувачка до 210 kWh, блок 2: од 210 до 420 kWh, блок 3: од 420 до 630 kWh и блок 4: над 630 kWh.

Ако се направи приближна пресметка на потрошувачката на електрична енергија на едно домаќинство со просечна опрема и апарати, тоа изгледа вака:

Бојлер за топла вода: 3 kWh, по 2 часа на ден: 6 kWh/ден, за 30 дена, => 180 kWh/месец;

Ел. шпорет: рерна плус 2 рингли вклучени по 1 час/ден: 3+2 kWh = 5 kWh, 30 дена => 150 kWh/месец. Да намалиме на 140 kWh/месец;

Машина за перење: 5 kWh/ден х 10 дена во тек на еден месец => 50 kWh/месец;

Фрижидер: мотор од 100 W => 0,1 kWh, по 10 часа/ден = 1,0 kWh/ден, => 30 kWh/месец;

Правосмукалка: 1000 W => 1,0 kWh, по 0,33 часа/ден, за 15 дена => 5 kWh/месец;

Компјутер (200 W): 20 kWh/месец;

Телевизор (120 W): 10 часа/ден: 0,12 х 10 = 1,2 kWh/ден, 30 дена, => 36 kWh/месец;

Ел. светилки: 100 W х 5 часа/ден = 0,5 kWh/ден, 30 дена, => 15 kWh/месец;

Пегла, фен, миксер, ел. бокал, рутер, полнач, ..: => 50 kWh;

Збирна потрошувачка: 180 + 140 + 50 + 30 + 5 + 20 + 36 + 15 + 50 = 525 kWh.

Според претходнава приближна пресметка, едно домаќинство со нормална опременост со уреди и апарати, при нивна просечна вклученост ќе потроши околу 525 kWh, а тоа значи дека ќе припаѓа на третиот блок (над 420 kWh).

Во овој збир не е вклучен уред за греење. Ако се вклучи само еден инвертер клима уред (топлинска пумпа) за греење со мотор-компресор од 1 kW (4 kW топлински капацитет), приближно за еден ден ќе троши 9 kWh/ден, => 270 kWh/месец (max). Заради променлив капацитет да ја намалиме вредноста на 230 kWh/месец.

Сега, ако на претходната збирна потрошувачка се додаде 230 kWh, новата збирна потрошувачка ќе биде 755 kWh, а оваа вредност е поголема од 630 kWh, односно припаѓа на највисоката блок-тарифа. Значи, домаќинство со нормална опременост и вклученост на апаратите, ако користи клима уред за греење, ќе припаѓа на највисоката блок-тарифа. Тоа значи дека вредностите на границите на блок-тарифите не се соодветно одредени, односно треба да се зголемат.

Со вака поставени вредности на границите на блок-тарифите се оди против инсталирањето на топлински пумпи што е многу контрапродуктивно на заложбите за чиста енергија.

Според Меѓународната агенција за енергија (IEA) иднината на греењето на простории е со топлински пумпи. Во јавноста кај нас се создава погрешна перцепција за улогата на природниот гас во енергетиката, а тоа е дека природниот гас е еколошко гориво.

Веќе неколку години Владата на Македонија, Градот Скопје (и некои општини) даваат субвенции на граѓаните за да купуваат инвертер клима уреди. Со новиот предлог за тарифирање се оди спротивно на заложбите за вградување инвертер клима уреди, а граѓаните претежно ќе ја одбираат опцијата на греење со дрво.

Преку лето во Македонија се јавуваат големи горештини и затоа се користат клима уредите за ладење. Ова ја покачува потрошувачката над највисоката блок-тарифа. Инаку, ладењето во такви жешки периоди не треба да се гледа како луксуз.

Овој предлог на тарифирање треба да биде насочен кон оние што трошат повеќе од нормални потреби, но со овие вредности на границите висока блок-тарифа ќе плаќаат и оние домаќинства што имаат нормална потрошувачка во нормално опремен стан.

На крај да резимирам. Со воведувањето на блок-тарифи за потрошувачката на ел. енергија ќе има неколку позитивни ефекти. Меѓутоа, вредностите на границитие на блок-тарифите треба да се зголемат така што домаќинство со нормална опременост на станот и еден инвертер клима уред да не припаѓа на третиот и четвртиот блок на тарифирање.