Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија денеска од 16 часот излегува на мирен протест.  Протестот започнува од бул. Гоце Делчев спроти МРТ кон Собранието, а потоа продолжува и завршува пред Влада.

– Протестот ќе се одржи со автомобили со цел почитување на мерките за заштита од Корона вирусот и за заштита на безбедноста и здравјето на учесниците. Сакаме да истакнеме дека, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија во изминатиот период се обидува да воспостави социјален дијалог со надлежните претставници на министерствата и државните органи со цел разрешување на одредени проблеми кои ги засегаат вработените, како и да укажеме на почитување на законите и колективните договори кои подолг период во континуитет се прекршуваат. Исто така истакнуваме дека работничките и човековите права се прекршуваат дури и за време на пандемијата кога луѓето се во ранлива економска и здравствена состојба, велат од конфедерацијата.

КСС посочи дека нивни легитимни синдикални барања кои ги поставиле се следните: почитување на законите од областа на трудовото право, барање за неодложно постапување на институциите при прекршување на законите, да се запре притисокот врз синидикалното организирање и синдикалните лидери.

– Сите овие барања и активности се во насока на подобрување на социо-економскиот статус на нашите членови и на сите работници во нашата држава. Ги повикуваме сите активно да се вклучите во овој протест, а со цел да се чуе гласот на работниците и гласот на синдикатот и да се принудат надлежните претставници од Министерствата и другите државни институции да започнат социјален дијалог со нас со цел подобрување положбата на сите работници, додаваат од КСС.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура– СОНК, како грански синдикат и член на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, истакна дека ќе земе активно учество на протестот.

-СОНК ги поддржува барањата на најголемиот синдикат во јавниот сектор и смета дека заради немање слух на надлежните, односно на социјалните партнери на сите нивоа, заштитата на сопствените интереси, во согласност со законите и колективните договори, мора да ги бара преку искажување на јавно незадоволство, односно преку предупредувачки протест, истакнаа од СОНК.