Директорот на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Патрик Мартенс, во денешната Утринска телеграма, предупреди дека на компаниите во земјава кои се дел од меѓународните синџири на снабдување им се заканува прекин на производството како последица од војната во Украина.

„Сите сме шокирани од војната која започна против Украина и страдањата кои му се нанесуваат на украинскиот народ“, вели Мартенс.
Тој додава дека мора да се соочиме со неочекуваните удари кои ќе ја погодат економијата.

„Германските производители во автомобилската индустрија се принудени да го стопираат своето производство. Ова ќе има директни последици и на компаниите производители од автомобилската индустријата во Северна Македонија. Поради Виша сила, им се заканува стопирање на производството на производителите од автомобилската индустрија кои се дел од интернационалниот синџир на добавувачи во Северна Македонија“, предупредува Мартенс.

Тој вели дека во Украина се погодени 30.000 работни места кај германски и 10.000 работни места кај други меѓународни инвеститори од автомобилската индустрија.