На њујоршки Волстрит во средата берзанските индекси силно пораснаа, откако американската централна банка Federal Reserve (Fed) ги зголеми клучните каматни стапки како и што се очекуваше, а нејзиниот претседател Џером Пауел порача дека во иднина темпото на растот на каматите би можело да биде забавено.

И на европските берзи цените на акциите во средата пораснаа. Лондонскиот индекс FTSE зајакна за 0,57 отсто на 7.348 поени, франкфуртскиот DAX порасна за 0,53 отсто на 13.166 поени, а парискиот CAC индекс скокна за 0,75 отсто, на 6.257 индексни поени.

Трендот на раст во текот на вчерашниот ден беше потврдени и на најголемиот светски пазар со хартии од вредност. Така, на Волстрит индексот Dow Jones скокна за 436 поени или за 1,37 отсто на 32.197 поени, S&P 500 зајакна за 2,62 проценти на 4.023 поени, додека индексот Nasdaq порасна за 4,06 отсто, на 12.032 индексни поени.

Како што се очекуваше, Fed на редовната месечна седница во средата ги зголеми клучните каматни стапки за дополнителни 0,75-проценти поени, втор месец во ред во распонот од 2,25 до 2.50 отсто.

Зголемувањето на каматите за вкупно 1,5 отсто во два месеца претставува најагресивното заострување на монетарната политика во САД од 1990-те години. Американската централна банка на тој начин настојува да ја сузбие инфлацијата, којашто во моментов се движи на највисоките нивоа по повеќе од 40 години, над 9 отсто.

Вложувачите, пак, ги охрабри изјавата на челникот на Fed, Пауел кој ан прес-конференцијата рече дека натамошните потези на централната банка ќе зависат од идните економски показатели и дека би требало да се очекува забавување на темпото на заострување на монетарната политика во САД.

„Откако монетарната политика дополнително е заострена, во следниот период веројатно ќе е соодветно да биде забавено тоа темпо, додека не ги анализираме ефектите на прилагодувањето на нашата политика врз економијата и инфлацијата“, рече Пауел.

Порача дека економскиот раст забавува, но дека американската економија не е во рецесија, на што, меѓу другото, укажува силниот пазар на трудот. Вложувачите, имено, стравуваат дека агресивното зголемување на каматите ќе ја турне економијата во рецесија.

„Пауел не најави никакво натамошно зголемување на каматите на седницата во септември, па вложувачите се надеваат дека циклусот на зголемување на цената на парите е при крајот. Пазарот го поттикнаа и кварталните деловни резултати на компаниите коишто се подобри од очекувањата, откако тие очекувања последните месеци значително беа намалени“, коментира за Reuters Џим Полсен, стратег во компанијата „The Leuthold Group“.

Меѓу најголемите добитници во средата беа акциите на „Alphabet“ и „Microsoft“, со скок на цените за околу 7 отсто, откако овие технолошки гиганти известија за подобрите од предвидуваните деловни резултати во второто годинешно тримесечје. Тоа го поттикна целокупниот технолошки сектор, па индексот Nasdaq, кој е полн со технолошки акции, најмногу и порасна.