„Го разбираме Трајко Славески поради тоа што во овде прима плата најмалку во висина на минималната плата во Германија, па веројатно е и тој револтиран што е на германски минималец во Македонија. 50 проценти од просечната плата во Германија е најмалку 1.400 евра, а во Македонија е 14.000 денари. Веројатно му е тешко да го преживее месецот, како и на 110 илјади работници, па затоа ги поддржува работавачите, а не работниците“, велат од Сојузот на синдикати, во реакција на вечерашните изјави на Трајко Славески околу минималната плата.
Поранешниот министер за финансии во гостување на ТВ24 изјави дека барањата на ССМ за минималец од 18.000 денари во државата се „неоправдани и нереални“, како и дека воведувањето на минималната плата во тој износ може да доведе до затворање на компании.
„Дали е ова е став и на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ не е целосно јасно, но ќе се види попрецизно идната недела кога за предлогот на Левица за 18.000 денари минимална плата би требало да се расправа во Собранието“, додаваат од ССМ во реакцијата објавена на Фејсбук.