Стопанската комора на Северна Македонија денеска соопшти дека ќе излезе со конкретни предвидувања и решенија за да не се дозволи, како што наведува, повторен економски шок кај компаниите. 

Според Комората, решенијата ќе треба навреме да се преземат за да се избегне уште една енергетска криза која би била фатална и за компаниите и за економијата во целина.

-Ова е еден од заклучоците донесен на седниците на Управниот одбор и на Собранието на Стопанската комора на Северна Македонија што беа одржани вчера. Ваквиот заклучок следува откако пред двете највисоки тела на Комората беа презентирани резултатите од спроведената анкета за загубите кои ги претрпеа компаниите членки на Комората во енергетската криза 2022 година, информира Комората. 

Конкретните предлог мерки и решенија ќе бидат утврдени на специјалната седница на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија со Македонската енергетска асоцијација (МЕА), закажана за последната недела од април.