Со новите мерки ќе има ограничување на маржата и на производителите и таа ќе биде 4 проценти, исто – 4 проценти ќе биде и маржата во трговијата на големо, а маржата за трговците на мало ќе изнесува 3 проценти. Две најважни мерки за малите компании не се најдоа во економскиот пакет што го спакува Владата – а тоа е субвенционирање на цената на струјата и пуштање на стоковните резерви, изјави за „Слободен печат“ Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агросојуз при Сојузот на стопанските комори на Македонија.

– Добро е што има мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, но да не заборавиме дека народот работи во фирми, и тоа 98 отсто во микро и мали комании. Затоа, во пакетот требаше да има повеќе мерки за компаниите. Сега мерките се сведоа на олеснувања околу земање кредити – оценува Ѓорѓиевски.

Тој потенцира дека иако биле на преговарачка маса со Владата, мерките за кои зборувале дека се неопходни, не влегле во пакетот.

– Ние цело време зборуваме за две неопходни мерки. Бараме субвенционирање на електричната енергија до ниво на регулирана цена која важи за домаќинствата и за дел од малите компании. Бараме и другиот дел од малите компании и средни фирми да влезат во оваа категорија и така да има субвенционирана цена за сите микро, мали и средни компании. Второто барање ни е веднаш да се пуштат стоковните резерви за да има поевтини производи – вели Ѓорѓиевски.

Во однос на маржите, Ѓорѓиевски за „Слободен печат“ откри дека сега има ограничување на маржата и на производителите и таа ќе биде 4 проценти, исто – 4 проценти ќе биде и маржата во трговијата на големо, а маржата за трговците на мало ќе изнесува 3 проценти.