Пад од 4,1 отсто во 2020 година, поголем од претходната проекција, и раст на јавниот долг, кој најверојатно ќе надмине 61 процент од бруто-домашниот производ (БДП), предвидува Светска банка (СБ) за македонската економија.

Во својот редовен извештај од СБ посочуваат дека пандемијата силно ја погоди Македонија, со ограничувањето на движењето, нарушените синџири на снабдување и продолжената неповолна епидемиолошка состојба, кои влијаат на и онака неповолните економски изгледи.
– Како резултат на овие фактори, земјата се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата, па економската активност се предвидува да се намали за 4,1 процент во 2020 година – е наведено во редовниот економски извештај на СБ.
Сепак, Македонија не е единствената земја погодена од пандемијата. СБ предвидува рецесија за сите земји од Западен Балкан, а за целиот регион ќе има пад од 4,8 проценти. Вториот, посилен бран на пандемијата што почна на средината на јуни, го забави закрепнувањето во регионот, се наведува во извештајот. Ограничувањата на патувањата и мерките за физичко дистанцирање исто така придонесоа за намалувањето на растот во оние земји што се повеќе зависни од туризмот.

– Иако Северна Македонија со поддршка на Владата го ублажи влијанието од кризата врз пазарот на трудот, стапката на невработеност се зголеми на 16,7 проценти, за првпат од 2011 година, бидејќи во вториот квартал од годината 17.690 лица ги загубија своите работни места. Програмите за поддршка на Владата, исто така, помогнаа во ублажувањето на влијанието врз работниците и фирмите, но фискалниот простор се стесни, бидејќи долгот надмина 60 проценти од БДП. Бидејќи крајот на економската криза е несигурен, притисоците врз пазарот на трудот и врз приходите веројатно ќе продолжат уште неколку месеци – се наведува во извештајот на СБ.
Претставниците на СБ посочуваат дека кризата ќе ги зголеми невработеноста и сиромаштијата, но мерките што ги презема Владата ќе помогнат за намалување на последиците. Не очекуваат во наредниот период затворање на економијата како во март и април, кога беше забележан и најголемиот пад на БДП.
– Очекуваме евентуален карантин во декември и јануари. Тоа е она што го планираат земјите-членки на ЕУ. Она што го гледаме сега се парцијални карантини, порестриктивни мерки во одредени региони. Национални карантини, како што имаше во март и во април, не би требало да има освен ако пандемијата не излезе од контрола – кажа Сања Маџаревиќ Шујстер, виша економистка во СБ.

Бојан Шимбов, економист на СБ, додава дека и да дојде до целосен карантин, шокот врз потрошувачите и фирмите не би требало да биде силен како првиот.
Сепак, во извештајот што го публикува СБ се посочува дека иако краткорочните изгледи за Македонија се позитивни, доминираат надолните ризици.
– Фазата на сузбивање на пандемијата сѐ уште не е завршена и продолжената пандемија, заедно со сѐ уште важечките мерки за физичко дистанцирање, може уште повеќе да го одложи закрепнувањето – посочува Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија.
Тој додава дека ќе бидат неопходни економски и социјални мерки за справување со кризата, а ќе биде важно и да се продолжи со неопходните среднорочни фискални реформи, реформи во областа на конкурентноста, животната средина и доброто управување со јавните политики, за да се постигне одржливо закрепнување и пристап во ЕУ.
Како што е посочено во извештајот на СБ, сите шест земји во регионот брзо воведоа политики за заштита на животите и егзистенцијата. Воведувањето програми за зачувување на работните места, вклучувајќи и субвенции за вработените, помогна да се запрат некои од најлошите влијанија на пандемијата врз вработеноста, додека програмите за социјална помош, како што се паричните надоместоци, помогнаа да се заштити најранливото население во регионот што е најпогодено од ограничувањата на движењето и другите рестрикции. Меѓутоа, и покрај овие мерки, постигнувањата во регионот во последните неколку години во делот на учеството во работната сила сега се збришани, а напредокот во намалувањето на сиромаштијата е доведен во прашање поради кризата.

Извештајот потврдува дека брзината на закрепнувањето, на краток рок, ќе зависи од развојот на пандемијата и од одобрувањето на вакцина за ковид-19, што ќе овозможи нормализација на економската активност и одржливо закрепнување кај главните трговски партнери на регионот, особено на Европската Унија.