Руската надворешна трговија се врати на нивото на кое беше пред почетокот на војната во Украина, а санкциите кои Западот ги воведе кон Москва не го постигнаа посакуваниот ефект, пишува „Њујорк Тајмс“.

Според американскиот дневен весник, компаниите на многу западни земји не ги прекинале целосно трговските врски со Русија.

Како што посочуваат, неодамнешното истражување на швајцарскиот универзитет Сент Гален покажа дека помалку од девет проценти од компаниите со седиште во Европската унија или во една од земјите на Групата 7 целосно престанале да работат на територијата на Руска Федерација.

Се додава дека неодамнешните анализи покажуваат дека надворешната трговија со соседите и сојузниците на Русија, како што се Турција, Кина, Белорусија, Казахстан и Киргистан е нагло зголемена и дека тие земји успешно и обезбедиле на Русија многу производи кои западните земји се обиделе да ги задржат за да ја казнат Москва поради инвазијата на Украина.

„Њујорк тајмс“ оценува дека „руската економија се покажала како изненадувачки отпорна“, и ја доведува во прашање ефективноста на санкциите што западните земји и ги воведоа на Русија.

Како што се наведува, и покрај санкциите, истражувањето на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) укажува на издржливоста на руската економија.

Според ММФ, проектираниот раст на БДП на Русија оваа година ќе биде 0,3 отсто, иако претходно се проценуваше дека ќе забележи пад од 2,3 отсто.