Започнаа да функционираат фотоволтаични централи на четири средни училишта во Куманово. Надлежните се надеваат дека фотоволтаиците ќе ги задоволат потребите за осветлувањето, клима уредите, работата на компјутерите. Затоплувањето велат сепак ќе продолжи на гас и нафта. Во тек е набавка на фотоволтаици и за комплексот базени…

Фотоволтаични централни започнаа да функционираат на четири средни училишта во Куманово. Фотоволтаици добија гимназијата „Гоце Делчев“, техничкото „Наце Буѓони“ и економското училиште „Перо Наков“, и на објектот каде што се изведува настава на албански јазик. Средствата за оваа инвестиција ги обезбеди Општина Куманово. Централните се веќе поставени и функционираат за производство на струја за сопствени потреби. Надлежните очекуваат заштеда.

„Капацитет има 39,2 киловат часа производство на електрична енергија. Капацитетот на производството на струја нема да може да го покрие греењето, бидејќи ние и така се затоплуваме на гас, комбинирано по потреба и нафта имаме котли но за потребите на осветлувањето, клима уреди, работа со компјутери секако дека ова ќе го задоволи“, истакна Марија Тодоровска, директорка гимназија „Гоце Делчев“ Куманово.

Придобивките од фотоволтаиците очекуваат да се забележат за најмалку шест месеци, кога ќе се направи ребаланс на потрошеното. Целта на општината ќе биде во наредниот период да продолжат инвестициите. По училиштата одвоени се и десет милиони денари за фотоволтаици и топлински пумпи и за комплексот базени.

На иницијатива на неколку приватни лица во Куманово е поведена постапка и за поставување фотоволтаични централи на неколку локации, село Речица, Табановце, вон плански опфат на село Биљановце и вон градежен реон на Куманово.