Синдикатот на УПОЗ денеска одржа прес-конференција, каде присутните беа запознаени со почетокот на проектот „Нов поттик за младинско учество во синдикатите”, кофинансиран од Европската Унија.

Се обратија претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓорѓиевски и Александра Кнежевиќ од Развојниот центар за млади од Белград.

Деаноски рече дека е гордост што синдикатот на УПОЗ е прв синдикат во земјава, што добива проект од ваков обем. Тој појасни дека заедно со партнери од Европа и регионот, започнуваат голем проект финансиран од Европската Унија, дел од програмата „Еразмус плус”. Притоа, информираше дека главна цел на проектот, ќе биде зајакнување на учеството на младите во синдикатите, преку едукација и обука, што ќе се одвива во Србија и Словенија.

Деаноски додаде дека акцентот што е ставен на младите и нивното учество, не е случаен. Последните европски статистики говореле дека просечната возраст на членовите на синдикатите изнесува од 45 до 50 години старост, а процентот на лица коишто се зачленуваат во синдикатите под 25 годишна возраст, бил значително намален.

„Има многу причини за ваквата состојба, но како главни фактори за ова, може да се наведе, дека младите не ги препознаваат синдикатите како организации од интерес, ниту пак како организации што можат да им понудат заштита на нивните права од работен однос. Синдикатите, од друга страна, иако знаат дека младите им се потребни за да опстанат, скоро и воопшто не ги вклучуваат младите да бидат дел од органите и телата на синдикатите, со што младите воопшто не се вклучени во процесот на носење одлуки во синдикатите. Токму тоа сакаме и да го смениме“, дециден беше Деаноски.

Бидејќи со ваков проблем се соочувале голем дел од синдикатите во Европа и регионот, овој проект вклучува партнерски организации од девет земји. Покрај Синдикатот на УПОЗ, кој е носител на проектот, во него е вклучен и Синдикалниот центар за едукација и обуки од Скопје.

Деаноски информираше дека на почетокот од проектот ќе се спроведе истражување со опфат на млади од пет држави, да се дознае кои се причините за неактивноста и неучеството на младите во синдикатите. Ќе следува подготовка на наставна програма и синдикална академија, преку која ќе се обучуваат идните млади синдикални лидери.

Деаноски соопшти дека младите синдикалци преку студиска посета во Словенија, ќе имаат можност да се запознаат со работата на синдикатот „Млади плус”, како позитивен пример на младински синдикализам. Додека трае проектот, ќе се спроведува и кампања, „Синдикатите се ин, вклучи се, ангажиран се, дејствувај”, преку социјалните мрежи.

Упатувајќи честитки за проектот, директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ѓорѓиевски рече дека овој проект ќе придонесе за државата, младите, општеството.

Кнежевиќ, програмска директорка на Развојниот центар за млади од Белград, истакна дека постојано се зборува за плата, плата, но, за вработените, покрај платата, истражувањата покажале дека за младите, многу се важни и условите за работа.

Таа додаде дека токму на тоа е ставен и фокусот во овој проект.

„Многу од нив, би бирале и нешто пониски плати, ако знаат дека во работното опкружување би се чувствувале безбедно, без мобинг и со почитување на нивните права. За да напредуваат и да се остваруваат како личности. Тоа е предуслов, за да останат младите“, нагласи Кнежевиќ.