Во Вардарскиот плански регион од 54 винарници лани на депониите неповратно завршиле 43.160 тони отпад. Овој, како и отпадот од свињарските фарми, земјоделството и друг биоразградлив отпад што секојдневно бескорисно се исфрла и скапува на депониите може да се искористи како енергетски потенцијал од алтернативни извори на енергија. Со изградба на централи на гас, преку јавно-приватно партнерство, корист би имале и општините и јавните комунални претпријатија.

Проeктот Биореал за одржливо управување со вински и друг биоразградлив отпад, по барање на ЈКП „Дервен“ од Велес, што го изработија експерти ангажирани од ЕПИ Центар интернационал Скопје преку ИПА-програмата за прекугранична соработка заедно со Р Грција, има за цел да им укаже на јавните комунални претпријатија од Вардарскиот плански регион и општините како може да биде третиран и искористен органскиот отпад.

Христијан Станоевиќ од ЕПИ Центар интернационал од Скопје вели дека целта на овој проект е преку јавно-приватно партнерство да се изградат централи на гас што ќе работат на биогориво – биомаса.

Замислата е отпадoт од свињарските фарми и земјоделството, наместо бескорисно да се фрла и да скапува на градските депонии и притоа да ја загадува животната средина, како алтернативен евтин извор на енергија за работа на централи на биогас да се искористи за добивање електична енергија.

– Проектот им нуди на надлежните, односно општините од Вардарскиот плански регион и јавните комунални претпријатија, во соработка со јавно-приватно партнерство, можност овој органски отпад што сега бескорисно скапува по депониите и ја загадува животната средина да биде искористен како енергетски извор за производство на електрична енергија или топлина, потенцира Станоевиќ.

Тој појаснува и дека проектот воедно им нуди на инвеститорите и можност за користење повластени тарифи за производство на енергија, заради користење алтернативни извори на енергија, информира Станоевиќ.

Неговата колешка Тамара Тодоровска, координаторка на проектот од ЕПИ Центар интернационал од Скопје, потенцира дека понудените решенија се во насока на систематско искористување на овој специфичен органски отпад со главен фокус на намалување на еколошкиот притисок и овозможување порационално искористување на ресурсите.

Александар Бузалков, координатор на проектот од ЈКП „Дервен“ од Велес, информира дека лани во Вардарскиот плански регион во девет општини на површина од 11,2 илјади хектари бил добиен род од 107,5 илјади тони грозје, од кои со преработка во винарниците биле добиени 156,608 тони вино. Притоа бил добиен отпад од 43.160 тони, од кои 22.384 тони при кастрење на лозјата, а од преработеното грозје во вид на комиње 20.776 тони. Односно целокупните вкупни количества од 43.160 тони отпад од винарниците, како и во изминатите години, и лани неповратно и бескорисно завршиле на градските депонии во деветте општини од Повардарието.

– Биоразградливиот отпад создава и екопроблеми. Оваа количина отпад е голема и затоа ние побаравме овој биоразградлив отпад да го управуваме. Целта е да биде искористен како компост или биоѓубриво, а за замена на конвенционалните ѓубрива. Со тоа и воедно ќе ги намалиме трошоците на ЈКП „Дервен“ за собирање и одлагање на овој отпад, појасни Бузалков.

Што е потребно за работа на централа на гас.

Како што појасни Александар Николовски, еден од експертите за изработка на студијата, за работење на централа на гас преку органски отпад, според оваа студија, на годишно ниво се потребни 20 илјади тони свинско течно ѓубре, 1.400 тони ресторански отпад, 600 тони годишно  вински отпад – комиње, 9.000 тони годишно тревна силажа – биоразградлив комунален отпад.

Инсталираната моќност на централата би била 560 киловати, а производството на електрична енергија е 4.525 мегават-часови годишно.

Годишниот приход од струја би изнесувал 814,585 евра, а годишните трошоци од 511.448 до 542.479 евра.

Очекуваната годишна добивка е од 272.106 до 303.137 евра.

Вредноста на инвестицијата би изнесувала од два милиони и 400 илјади до два милиони и 700 илјади евра, а повратот на средствата од 7,9 до 9,9 години.