Владата на вчерашната седница го утврди текстот на Предлог-измените и дополнувањата на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Со измените, како што информираат од Владата, ќе се подобри фискалниот капацитет и ќе се зголемат приходите на општините преку постепено зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ и персоналниот данок на доход, со цел поголема финансиска самостојност и стабилност на единиците на локалната самоуправа. На предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, на владината седница усвоен е и текстот на Билатералниот договор со Европската Унија за кофинансирање на инвестицискиот проект „Интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад во Источен и Североисточен регион“.

Со проектот, посочуваат од Владата, се решаваат значајните еколошки и оперативни проблеми поврзани со создавањето и управувањето со отпад и се создадат услови за развивање на интегриран систем за управување со отпад во овие региони и во Општина Свети Николе. Со проектот ќе бидат опфатени Североисточниот регион (Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово и Крива Паланка и Источниот регион (Штип, Кочани, Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица, Виница, Пробиштип, Зрновци, Облешево-Чешиново и Карбинци), како и Општина Свети Николе.