Одлука за измена на Уредбата за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазар на топлинска енергија донесе Владата на 05 март 2022

Како што информираат од владината прес-служба, со оваа измена се утврдува правен основ за преземање на мерка за финансиска поддршка која ќе им ја надомести разликата на цената на енергенси за топлинската енергија на снабдувачите со топлинска енергија за да се елиминира можноста разликата на цените да падне на товар на потрошувачите на топлинска енергија од категоријата домаќинства.
„Согласно оваа мерка, нема да има промени на сметките за топлинска енергија за домаќинствата“, велат од Владата.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, пак, вечерва рече дека во текот на наредните денови на јавноста ќе ѝ биде соопштено тоа што се размислува и што ќе се дизајнира како пакет на мерки за надминување на актуелната состојба во економијата.

„Сите можни интервенции за спречување на ценовните шокови се разгледуваат на Влада. Од премиерот е испратена официјална покана и утре во 17 часот во Владата ќе има средба на Економскиот совет во поширок состав. На средбата покрај министрите од економските ресори ќе присуствуваат и надворешни експерти од земјава. Тие ќе дадат свој придонес во однос на согледувањето на актуелните состојби во економијата и кои би биле евентуално можни предлози и идеи за натамошни решенија“, изјави Бесими на ТВ Сител.

Според него, сега е веќе извесно дека руско-украинската криза нема да трае кратко и оти нема да заврши во наредните денови.

„Продолжува неизвесноста, не знаеме колку ќе трае, но веројатно нема толку брзо да заврши. Се бараат алтернативни чекори за снабдувањето со руски гас, а и стопанствениците сами бараат начини во однос на другите производи што се увезуваат од таму“, рече Бесими.