Владата на денешната седница усвои неколку предлог-измени на законски решенија кои се дел од даночната реформа што треба да стартува од 1 јануари.

Како што соопшти попладнево владината прес-служба усвоени се предлог-измените на Законот за данокот на личен доход, Законот за данокот на додадена вредност и на Законот за добивка.

Измените на Законот за данокот на личен доход, како што се наведува во соопштението, се однесуваат на потребата од обезбедување поголема праведност на даночниот систем, поправична распределба на даночниот товар по основ на данокот на личен доход помеѓу доходот од труд и доходот од капитал, како и проширување на даночната основа, преку намалување на даночните расходи.

– Министерството за финансии спроведе широк, консултативен, инклузивен и транспарентен процес со сите засегнати чинители, од којшто, како што е посочено, се произлезени предложените решенија за подобрување на даночната политика. Предложените измени, како што е нагласено од страна на Министерството за финансии, беа предмет на консултација со меѓународните финансиски институции, а се направени и сеопфатни и длабински анализи на постојниот даночен систем во земјата, во споредба со даночните пракси во земјите од ЕУ и Западен Балкан, се вели во соопштението.

Со Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е предвидено оданочување на одредени производи за исхрана коишто не се дел од основните производи потребни за исхрана на човекот со повластена даночна стапка од 10 проценти, се врши намалување на стапката за прометот со менструални производи и се намалува даночната стапка за дигиталните учебници. Исто така, се врши доуредување на одредбите коишто го дефинираат местото на прометот на услуги, се воведува терминот даночен застапник со цел странските лица кои вршат промет на добра и услуги во земјава да можат да го пресметаат и платат данокот на додадена вредност на даночниот орган. Со предложените измени се доуредува третманот од аспект на ДДВ за прометот по системот на ваучери и се доуредува делот којшто се однесува на посебен вид на даночна основа.

Измените на Законот за данок на добивка се однесуваат на утврдување третман на непризнат расход на целиот износ на трошоците по основ на уплатени премии за осигурување на живот на вработените, укинување на правото на намалување на пресметаниот данок за износот на донираните средства на спортски субјекти, укинување на обврската за задолжително поднесување на извештаите за трансферни цени, односно пропишување обврска за нивно доставување само по барање на Управата за јавни приходи, како и укинување на постојното ослободување од обврската за плаќање на годишен данок на вкупен приход на субјектите со остварен вкупен приход во годината до 3.000.000 денари.