Поскапувањето на горивата не е еколошка такса, туку кризен данок, изјави денес на прес-конференција Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја Владата дека создава паралелна реалност и погрешно ги именува работите.

„Нѐ убедуваат дека зголемените цени на горивата почивале на познатиот принцип ‘загадувачот плаќа’. Овој принцип, предложен од економистите пред точно еден век, е сосема во ред, но повикувањето на него во случајов претставува класична злоупотреба и замена на теза“, изјави Славески, прашувајќи дали ова значи дека сите корисници на автомобили, транспортери и вршители на јавен превоз во земјава се загадувачи?

„Се разбира дека не значи. Наместо да се воведе построга контрола на мерење на емисијата на издувни гасови при регистрација на возилата, како основа за примена на принципот ‘загадувачот плаќа’ во овој контекст, се предлага линеарно зголемување на цените на горивата за сите корисници, без разлика на видот на превозното средство“, рече Славески.

Тој додаде дека зголемените цени на горивата нема да придонесат да се намали користењето на возилата.

„Од досегашната практика може да се заклучи дека зголемувањето на цените до одреден степен не влијае на намалување на потрошувачката на горивата. На тој начин се губи смислата на презентацијата на овој намет врз стандардот на граѓаните како еколошка мерка“, вели Славески.

Тој додаде дека несомнено, воведувањето на дополнителна давачка на горивата, преку зголемените цени, ќе ги зголеми приходите во државниот буџет. Но, зголемените цени негативно ќе влијаат врз стандардот на граѓаните и ќе ги зголемат трошоците за транспорт на стоки и патници.

„Дополнително, евентуалното воведување на оваа нова давачка доаѓа во изразито неповолен момент,кога цената на суровата нафта на светските берзи е висока и се очекува нејзин натамошен раст. Имено да потсетиме дека цената на суровата нафта последнава година на светските берзи е зголемена на цели 90 отсто и само последниот месец е зголелема за 10 отсто и ова секако ќе влијае на зголемување на малопродажните цени на горивата“, вели тој.

Според Славески, не треба да се очекува некој позначителен ефект од новата давачка врз однесувањето на граѓаните. Мерката ќе има претежно фискален ефект на зголемување на приходите во буџетот.

„Таа нема никаква врска со екологија и заштита на животната средина, туку претставува само друго име за кризен данок. А познато е дека кризните даноци, по правило, се воведуваат по завршувањето на одредена кризна ситуација, а не во ек на самата криза, за да не ја продлабочат дополнително постојната криза“, истакна Славески, додавајќи дека во моментов речиси секаде во светот се забележуваат високи стапки на инфлација, а и во Македонија се соочуваме со највисоки стапки на пораст на трошоците за живот во последните десетина години.

Тој вели дека владите и централните банки будно ја следат инфлацијата и се подготвени да преземат мерки за нејзино намалување. Но, како што нагласува, овој чекор на зголемување на давачките за нафтата и бензините ќе има токму спротивен ефект, односно ќе предизвика пораст на цените, затоа што нафтата е инпут во секој производ и услуга. Повисоките цени, пак, ќе значат помала потрошувачка, а помалата потрошувачка ќе значи помал раст на македонската економија во споредба со другите земји.

„Помалиот раст ќе значи дека државата ќе мора повеќе да се задолжува, а фискален простор за задолжување веќе нема. Навистина станува збор за една несоодветна и штетна мерка“, вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески.