Повеќе од 43.000 хрватски граѓани се пријавиле за државни обврзници, а сумата е повеќе од 1,3 милијарди евра, соопштено е денеска во Загреб.
Според последните информации, ова не е конечната бројка, бидејќи пријавените граѓани денеска можеа да ги уплатат парите до 11 часот.

„Бројот на луѓе кои се претплатиле на оваа обврзница надминува 43.000. Ова покажува дека акцијата беше добра, проектот беше успешен и уште повеќе покажува колку луѓе ја препознаа оваа можност и имаат доверба во Република Хрватска“, рече министерот за финансии Марко Приморац за Хрватската радиотелевизија.

На 22 февруари Хрватска на граѓаните им ги понуди првите хрватски национални обврзници за минимален депозит од 500 евра. Уписот за граѓаните траеше до 1 март до 20 часот, а вториот круг наменет за институционални инвеститори се отвора на 3 март и ќе трае само еден ден.
Државата преку националните обврзници планираше да собере една милијарда евра. Приморац најави дека со оглед на поголемиот пројавен интерес, ќе ја прифати целата уплата и ќе овозможи уште 500 милиони евра за претплата на институционални инвеститори.

Минималниот депозит за граѓаните беше 500 евра, минималната каматна стапка е 3,25 отсто годишно, а обврзницата доспева во 2025 година.

Според последните официјални податоци, хрватските граѓани имаат околу 35 милијарди евра во банките, главно со ниски каматни стапки под 0,5 отсто.

Државниот завод за статистика денеска соопшти дека годишната стапка на инфлација, мерена преку индексот на потрошувачките цени, во февруари се намалила на 11,9 отсто, откако во јануари достигна 12,7 отсто. Во Хрватска од 1 јануари годинава официјална валута стана еврото.