Разменување на искуства, продлабочување на економската соработка и подобрување на економските врски меѓу земјава и Словенија е главната цел на Словенечко – македонскиот економски форум што денеска се одржува во Скопје во организација на Друштвото на словенечки и македонски стопанственици.

На форумот, на кој главни теми се иновативните технологии, дигитализацијата и енергетиката, словенечките претставници имаат можност подобро да се запознаат со можностите за инвестирање кај нас и со можностите за вмрежување и соработка со македонските компании.

-Се надевам дека нашите институции и компании кои се присутни на овој настан добро ќе ја искористат можноста за вмрежување, за размена на искуства и за размена на добри пракси кои водат кон интеграција на нашиот пазар кон европскиот. Како приватен сектор очекуваме зголемен дијалог меѓу приватниот сектор и државните институции од двете држави со цел подобрена интеграција на нашиот пазар во европскиот, изјави Војдан Јорданов, претседател на Друштвото на словенечки и македонски стопанственици и извршен директор во Тргилав осигурување АД Скопје пред почетокот на форумот.

Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека е убеден оти денешниот настан ќе биде само почеток на одличната соработка и на конкретните проекти кои заедно ќе се реализираат.

– Генерално имаме одлична соработка. Јас сум повеќе од убеден дека оваа соработка ќе се продлабочува во наредниот период и секогаш како Влада и како Министерство за економија ќе бидеме посветени да подржиме странски инвестиции посебно од Словенија, а зошто да не и наши инвестиции во Република Словенија каков што го имаме примерот со ИГМ, изјави Бектеши.

Пред настанот, како што кажа, имал билатерален состанок со словенечкиот министер за стопански развој и технологија, Матијаж Хан, на кој разговарале за соработката што ја имаме во економијата генерално, а посебно во делот на енергетиката.

-Имавме многу плодна, конкретна дискусија за конкретни теми каде што можеме да ја продлабочиме одличната соработка која веќе ја имаме со Република Словенија. Разговаравме за денешниот настан, но се договориме заеднички наредната година да го претставиме занаетчиството како гранка на саемот во Цеље. Ќе учествува директно по поканата на Република Словенија за што сме благодарни се со цел и нашите занаетчии да имаат можност да ги презентираат нивните производи и да најдат нови пазари, изјави Бектеши.

Втората тема на разговор, како што кажа, била враќањето на авионската линија меѓу Скопје и Љубљана.

-Веќе стапив во контакт со министерот за транспорт и врски Бочварски и кон крајот на годината ќе објавиме повик за авиокомпании за да можеме да ги поддржиме со цел да се врати назад таа линија, а истото би го направиле и во Република Словенија на почетокот на наредната година, појасни Бектеши.

Трета тема, додаде, беше енергетиката, искуствата, мерките, начинот како се справуваме со енергетската криза.

Словенечкиот министер Хан укажа дека заедно со него во земјава е присутна и бројна словенечка делегација.

-Традиционално имам одлични односи. Словенија е ваша пријателска држава и ќе продолжиме да ве поддржуваме на сите можни полиња за што побрзо вклучување во ЕУ. Трговската размена постојано се зголемува и минатата година изнесуваше 433 милиони евра што е за 25 проценти зголемување во однос на 2020 година. Извозот и увозот е зголемен за повеќе од 20 проценти. Во првите шест месеци од годинава, пак, трговската размена ја зголемивме за околу 14 проценти, рече Хан.

Посочи дека инвестициите на словенечките претпријатија во земјава се околу половина милијарда евра со што сме петта држава по бројот на словенечки инвестиции во странство.

-Посакуваме Северна Македонија да инвестира во Словенија и да Ви кажам дека сте добредојдени, рече Хан.

Најави дека во текот на идната година ќе настојуваат да обезбедат средства и повторно да биде воспоставена авионската линија меѓу Љубљана и Скопје.

Зоран Јовановски, потпретседателот на Стопанската комора, која е соорганизатор на настанот, истакна дека со Словенија имаме долгодецениско пријателство и двата народи имаат заеднички сензибилитет кој, како што рече, е многу важен и за успешно развивање на бизнисот.

-Од Словенија секогаш учиме многу. Словенија во фокусот ја става технологијата како движечка сила и фактор кој значително ќе го детерминира понатамошниот развој на нивната економија. Треба да бидеме паметни. Потенцијалот за продлабочување на соработката помеѓу Македонија и Словенија е голем и треба да ги најдеме сите можни начини како да се искористи, рече Јовановски.

Како комора, додаде, ќе направиме се што е во наша можност тој потенцијал за соработка да се искористи.