Триесетина вработени во „Славија“ стравуваат за своите работни места откако Владата на 30 ноември одлучи некогашниот гигант да го стави на аукциска продажба по почетна цена од 218 илјади евра.

Одлуката да се продаваат по номинална цена ја оценуваат како скандалозна и бараат случајот да го испита Државната комисија за спречување корупција, Народниот правобранител и вицепремиерот за борба против корупција.

Вработените тврдат дека „Славија“ сѐ уште остварува приходи преку издавање на управната зграда и магацините, и со тие пари се исплаќаат плати а Агенцијата за управувување со одземен имот која располага со фирмата остварува дивидента. Тие не се согласуваат со ставот дека се продаваат акциите на Славија а не имотот, бидејќи оној што ќе стане сопственик на акциите, станува и сопственик на имотот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли тврдењата на директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани, дека „Славија“ вреди далеку помалку затоа што токму ВМРО-ДПМНЕ продало скришно над 70 отсто од имотот.