Синдикатот на Министерството за финансии најавува масовни протести, Сојузот на синдикати ќе го тужи Бесими, а ВМРО-ДПМНЕ бара да се зголемат платите до 30 отсто во согласност со консензуално донесениот Закон за буџети.

Пратеникот Бедри Фазли од ДУИ поднесе барање за автентично толкување на членот од Законот за буџети кој овозможува вработените во Министерството за финансии што работат на изработка на државниот буџет да добијат зголемување на основната плата до 30 проценти. Синдикатот на Министерството за финансии вели дека со автентично толкување на Законот, Владата се обидува да им го скрати на вработените тоа што им припаѓа и најавуваат масовен штрајк. Тие тврдат и дека, за разлика од досегашните вести пласирани во јавноста од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими, Законот за буџети овозможува зголемување на сите плати во Министерството за финансии, а не само во Секторот за буџети.

– Пред извесен временски период се донесе Закон за буџети со политички консензус од сите пратенички групи, со кој се предвидува зголемување на платите на сите вработени во Министерството за 30 проценти. Министерот за финансии, Фатмир Бесими тврди дека тоа покачување се однесува само за определен сектор – Секторот за буџети, а не за сите вработени. Во таа насока на денешната седница на Законодавно-правната комисија, Владата сака да прошверцува автентично толкување на одредбата од чл. 66 од Законот, со кој што сака да го ограничи правото на покачување само на дел од вработените – соопштија од Синдикатот на Министерството за финансии.

И од ВМРО-ДПМНЕ смета дека е потребно да се почитува Законот за буџетите како што е донесен и сите вработени во Министерството за финансии да добијат зголемување на платите до 30 проценти.

– Слушнавме десетици изјави од поранешниот заменик-министер за финансии, а денеска премиер Димитар Ковачевски, од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и од министерот за финансии Фатмир Бесими дека треба да се зголемат платите на вработените во Министерството за финансии, но денес преку автентично толкување, а не закон, сакаат да го одземат тоа што им следува на вработените. Добро знаеме која беше интенцијата на пратениците кога го гласавме овој закон, добро се сеќаваме и на изјавите на највисоките државни функционери, ама еве ги сега ретерираат од неразбирливи причини. Пари во Буџетот има, тоа најдобро го знаат вработените во ова Министерство, проблемот е што апетитите на државните функционери се сè поголеми – изјави Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потенцираше дека ако не се зголемат платите во Министерството за финансии, тамошните вработени нема да имаат мотив да продолжат да ги извршуваат важните функции, особено ако се знае дека на национално ниво просечна плата во овој сектор е околу 50.000 денари.

– Каква ќе биде мотивацијата на вработените во секторот трезор или макроекономска политика доколку се прошверцува ова автентично толкување? Ние нема да дозволиме некој да си поигрува со професионалците што деноноќно работат со јавните финансии. Токму затоа им порачуваме на СДСМ и ДУИ да го повлечат ова автентично толкување, а министерот да го испочитува Законот што е поддржан од сите пратенички групи и да им го исплати законското право на професионалците во Министерството за финансии, дури не заминале и тие – вели Стојаноски.

Од ССМ, пак, најавија дека ќе поднесат кривична пријава против министерот Бесими. Причината за тоа велат дека е „сторено кривично дело по член 166 од Кривичниот законик“, со што го повредил, одземал или го ограничил правото што му припаѓа на работникот и не ја зголемил платата на вработените во Министерството, иако има законска обврска за тоа.

Министерот за финансии Фатмир Бесими кога ги повлече решенијата за зголемените плати рече дека не е против зголемувањето на платите во Министерството, тој прв се залагал за тоа, но дека е потребно да се изнајде системско решение.