Овој данок ќе го плаќаат сите фирми што лани оствариле приход од над 10 милиони евра,а ќе се плаќа на разликата во добивката во однос на претходните три години, по стапка од 30 отсто .За оние фирми што нема точно да ги пријават заработките или нема да го платат данокот, предвидени се и казни до 20 илјади евра

Предлог-законот за данокот на солидарност се најде на веб-страницата на Собранието. Овој данок ќе го плаќаат сите фирми што лани оствариле приход од над 10 милиони евра, а ќе се плаќа на разликата во добивката во однос на претходните три години, по стапка од 30 отсто. За оние, пак, што нема точно да ги пријават заработките или нема да го платат данокот, предвидени се и казни до 20 илјади евра. Предлагач на законот е Владата, а законот, за кој се предвидува да помине по скратена постапка во законодавниот дом, пред пратениците ќе го бранат министерот за финансии Фатмир Бесими и заменикот Филип Николоски.

Владата навела дека земјава, како и остатокот од светот, во моментот се соочува со енергетска и со ценовна криза, а претходно и со економско-здравствена криза, предизвикана од ковид, како и дека климатските промени и војната во Украина предизвикале забрзан раст на цените на основните прехранбени артикли, нафтените деривати и на електричната енергија. Во такви околности, велат од Владата, одреден број компании, токму како резултат на кризата, оствариле повисоки приходи.

Целта на предлог-законот за данок за солидарност е секој да учествува во намирувањето на јавните расходи во согласност со своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од кризата.

– Предлог-законот предвидува воведување данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка. Обврзник за плаќање на овој вид данок е обврзникот на данокот на добивка согласно со Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари (10 милиони евра –н.з)“ – се наведува во законот.

Од Владата навеле дека овој данок ќе донесе во буџетот сума од околу 4,7 милијарди денари, што е рамно на 76,4 милиони евра.

– Данокот за солидарност е еднократна јавна давачка за 2023 година и е приход на буџетот на РСМ. Обврзник на данокот за солидарност е обврзникот на данокот на добивка согласно со Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари. При утврдување на висината на приходот, се исклучуваат приходите во стечајна постапка остварени од продажба на имот за намирување на доверителите – се вели во законот.

Што се однесува за казните, тие не се за потценување. Глоба во износ од 1.800 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе плати даночен обврзник правно лице доколку е среден трговец и од 3.000 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на даночен обврзник – правно лице голем трговец за прекршок ако не поднесе до Управата за јавни приходи соодветен образец за пресметување на данокот за солидарност во утврдениот рок. Глоба во износ од 150 до 500 евра ќе има за одговорното лице ако е среден трговец и од 200 до 500 евра ако е директор кај голема компанија.

Доколку, пак, не се плати данокот навреме во утврдениот рок, глобата е 1.800 до 6.000 евра за среден и од 3.000 до 10.000 евра за голем трговец, а истите казни, како претходно, се предвидени и за директорите на фирмите.

Многу повисоки казни, пак, се предвидени за фирмите што ќе сакаат да ги скријат приходите, односно неточно да ги прикажат и со тоа да се спасат од данокот, односно тие се од 3.600 до 12.000 евра за среден трговец и од 6.000 до 20.000 евра за голем трговец, додека, пак, нивните директори ќе бидат казнети со 300 до 1.000 евра за среден трговец и од 400 до 1.000 евра за голем трговец.