Инфлацијата не се смирува доволно и постои ризик да остане висока до крајот на годината. Затоа, зголемувањето на основната каматна стапка е очекувано и логично, вели професорот по економија Ванчо Узунов. Според него, одлуката на Народната банка е показател дека ценовните притисоци и натаму се присутни и дека економските состојби не се толку стабилни како што ги претставуваат властите. Узунов оценува дека рестриктивната монетарна политика е неопходна токму поради ризиците од понатамошен раст на инфлацијата.

Вчера Народната банка ја зголеми основната каматна стапка од 4 на 4,25 проценти, со образложение дека инфлациските ризици сè уште не се надминати. Одлуката значи поскапи пари во економијата и отвора можност за повисоки камати на кредитите за граѓаните и компаниите во периодот што следува. Во исто време, Владата подготвува ребаланс на Буџетот, ревидирајќи ја стапката на раст на економијата на 3,5 проценти. Од друга страна, Узунов очекува уште поскромен раст и од ревидираната владина проекција.

Узунов смета дека Владата погрешно го поставува моделот на економски развој, потпирајќи се, пред сè, на изградба на патишта и инфраструктурни проекти. Според него, ваквите инвестиции сами по себе не создаваат долгорочен економски раст и не ја подобруваат конкурентноста на економијата. Наместо тоа, вели професорот, потребни се вложувања во нови технологии, иновации, продуктивност и енергетика, како и суштински реформи за кои, според него, актуелната власт не покажува доволна подготвеност да ги спроведе.