Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за четири лица од пропаднатата „Еуростандард банка“.

Се работи за лица (чии имиња ниту иницијали не се наведуваат), кои имале посебни права и одговорности во банката и кои се осомничени дека ја довеле во стечај банката, како и за перење пари.

Според објаснувањето од ОЈО, тие од 2017 до 2020 година масовно ја затскриле реалната способност на клиентите за подмирување на обврските и нереалната класификација, и погрешно ја известувале Народната банка и сите заинтересирани за финаниската состојба на банката, што довело до стечај односно депозитите не може да им бидат вратени во пари на доверителите, штедачите и депонентите на банката.

На тој начин со нефункционални кредити биле оштетни 149 правни лица, а должниците со тоа што не ги вратиле и немало механизам за присилно враќање на долг од кредитот, се стекнале со корист.

Исто така, истрагата на ОЈО ќе треба да ги провери сомневањата дека овие лица од 2017 до 2020 година, во повеќе наврати овозможиле отворање на нерезидентни трансакциски сметки преку кои дозволите трансакции и воспоставиле деловен однос со правни лица.

Притоа, сомнителни трансакции кои укажувале на перење пари, имот или имотна корист, не ги пријавувале во Управата за финансиска полиција, иако за тоа во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во 2020 година започнале предистражни постапки.

Народната банка на 12 август лани и ја одзеде лиценцата на „Еуростандард банка“ и побара стечај, а штедачите и оние со тековни сметки во банката формираа Здружение кое тврди дека од нивните сметки на овој начин се украдени околу 60 милиони евра.