Досега само 23 компании од Македонија имаат почнато постапка за регистрација за учество на јавните набавки на НАТО. Според аналитичарите, за поголем и посериозен настап на македонските компании на тендерите за задоволување на потребите на НАТО се потребни поголеми подготовки, на што интензивно треба да се работи во следниот период. Искуствата од другите земји покажуваат дека по влезот во Алијансата кај поединечни држави значително се зголемиле странските директни инвестиции, пораснал извозот и имало севкупен раст на економијата.

МАКЕДОНИЈА НЕДОВОЛНО ГО КОРИСТИ ЕКОНОМСКИОТ ПОТЕНЦИЈАЛ НА НАТО

Економските придобивки, покрај безбедносните и политичките цели, беа посочувани како главен аргумент за зачленување на Македонија во НАТО. Сепак, двегодишниот период по зачленувањето во воената алијанса, што се случи по смената на нашето уставно, изгледа не беше доволен за македонските домашни компании да ги искористат можностите што им се отворија за зголемување на испораките на НАТО-сојузниците, кои имаат вкупен годишен буџет од пет милијарди долари. Минатата година, Владата, со цел да ги мотивира стопанските субјекти да се јават како потенцијални доставувачи за најголемата воена алијанса во светот, ги донесе измените на Законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, со кои се утврдени процедурите и постапките во согласност со кои македонските компании ќе можат да учествуваат на јавните набавки за потребите на НАТО-пазарот. Со овој закон се уредува и начинот на проверка и потврдување на исполнетоста на условите за учество на економските оператори регистрирани во Македонија во постапките за набавки за потребите на Северноатлантската договорна организација и нејзините земји-членки.

Економските оператори што сакаат да учествуваат во постапките за набавки за потребите на НАТО и неговите земји-членки се евидентираат во евиденцијата на економските оператори што ја води Министерството за одбрана. Затоа беше промовиран и Центарот за поддршка на компаниите, кој е веќе формиран во Министерството за одбрана. Потребите за набавки во рамките на Алијансата се навистина големи и се реализираат преку двете НАТО-агенции, Агенцијата за поддршка и набавки и Агенцијата за комуникации и информации, информираат од Министерството за одбрана.

– Досега постапка за регистрација за учество на јавните набавки на НАТО имаат направено 23 компании. Нашата цел е да им помагаме на компаниите првенствено да извршат регистрација во НАТО-агенциите, а потоа да добијат пристап до објавените тендери. Центарот е во функција на пренесување на научените лекции за успешно аплицирање на тендери, како и за поврзување на македонските компании со светските гиганти, кои веќе имаат активни договори со НАТО-агенциите, а имаат потреба од доставувачи – вели министерката за одбрана Славјанка Петровска.

За поголем и посериозен настап на тендерите за задоволување на потребите на НАТО се потребни поголеми подготовки за домашните компании. Ова не се однесува толку на техничката подготвеност околу задоволување на процедурата, туку повеќе во исполнувањето на количеството и квалитетот, кои произлегуваат од повисоките НАТО-стандарди, кои се применуваат од сите земји-членки на воената алијанса. Како што сме информирани од претставници на македонските фирми и здруженија, податоците за земјоделското и сточарското производство во Македонија се загрижувачки, а тоа значи дека и домашното производство на храна е недоволно и за задоволување на домашната потрошувачка.
– Не сме информирани дали некои од нашите членки учествувале на некои од конкурсите што се објавуваат од НАТО-членките. Во овој момент, состојбата во нашиот сектор околу набавката на суровини не е поволна. Сточниот фонд во земјата од кој можеме да добиваме млеко за преработка постојано се намалува. Доколку продолжи ваквиот тренд ќе се соочиме и со проблемот со задоволување и на нашите потреби, за што и веќе се врши одреден увоз на млеко и млечни производи – ни изјавија од Здружението за производство и преработка на млечни производи.

Во просториите на Стопанската комора на Македонија вчера се одржа официјална промоција на поткомитетот „НАТО и бизнис-заедницата“, преку кој ќе се дејствува во насока на информирање и помагање на македонските компании заинтересирани за соработка со НАТО.

– Членството на Македонија во НATO носи низа дополнителни придобивки и можности за македонската економија, со што компаниите добиваат можност да учествуваат на набавките објавени за потребите на НАТО и земјите-членки. Во наредниот период, Министерството за одбрана на РСМ преку овој поткомитет заедно со коморите во земјата и Центарот за поддршка на компаниите при учество на тендерите на Алијансата ќе понуди целосна, сеопфатна поддршка за секоја компанија што ќе пројави интерес. Меѓу другото ќе се промовира и детално ќе се запознаат со постапката за упис во евиденцијата на економски оператори, кои може да се регистрираат за учество на јавни набавки на НАТО и земјите-членки – соопштија од Стопанската комора на Македонија.

Повеќето истражувања покажуваат дека првите посериозни анализи и споредби за економските придобивки од зачленувањето на Македонија во НАТО можат да се направат по пет години, како што тоа беше направено и за другите земји од Источна Европа. Во примерот на Бугарија, странските директни инвестиции, анализирано пет години пред и по влезот во НАТО, се речиси трипати повисоки, односно од седум отсто на 19,8 отсто од БДП. Во Албанија тие се двојно поголеми, или од пет отсто на девет отсто од БДП. Во Романија има висок раст, од 2,8 отсто на 7,2 отсто по пристапувањето во НАТО, додека во Чешка растот е од 3,2 на 7,7 отсто. Наедно, во земјите што пристапиле кон НАТО во 2004 година, просечниот раст на извозот се зголемил од 6,8 отсто во периодот пред зачленувањето во НАТО на 11,8 отсто во периодот по пристапувањето во НАТО.

Најчесто споменувана теза е дека влезот во НАТО придонесува за пораст на БДП, пораст на странските директни инвестиции, пад на невработеноста и развој на приватниот сектор. Според студија од 2016 година, што го мери „ефектот на НАТО“, во согласност со податоците од неколку земји-членки, постигнувањето на позитивните цели зависи и од други фактори, како што се спроведување на реформите во повеќе области, како и на посветеноста на сите субјекти за подобрување на квалитетот и кредибилитетот на институциите, а со тоа и зголемување на извесноста и предвидливоста во бизнисот. Од Светската банка, како фактори за економски раст на земјата по зачленувањето во НАТО го посочуваат и остварувањето добро владеење што опфаќа шест широки димензии: слобода и отчетност, политичка стабилност, ефективност на Владата, квалитет на регулативите, контрола на корупцијата и владеење на правото.