До крајот на годинава во Македонија завршува увозот на возила со мотор според стандардите Еуро 2. Граѓаните стравуваат да не се донесе одлука за задолжително ставање катализатори, што ќе ги чинат повеќе стотици евра.

Според одлуката на Владата, од јануари 2015-та ќе почне шестмесечен преоден период, во кој ќе биде дозволен увоз на автомобили со нормите Еуро 3. Потоа ќе можат да се увезуваат само автомобили што исполнуваат стандарди Еуро 4 за издувни гасови. Од февруари 2010 година досега во Македонија влегоа повеќе од 160 илјади стари патнички возила. Во ЕУ Еуро 1 и Еуро 2 нормите се веќе забранети, Еуро 4 стапи во сила во јануари 2005 година, а од 1 септември годинава е дозволена продажба само на возила со Еуро 6.

Министерството за заштита на животната околина и Министерството за економија веќе имаат доставено предлог до Владата за укинување на увозот на возила со Еуро 1 и Еуро 2 и за премин кон Еуро 3 и повисоки стандарди од 2015 година, заради „подобрување на квалитетот на воздухот во животната околина“. Портпаролот на Министерството за животна средина Сашо Секуловски нагласува: „Се очекува дека со оваа мерка ќе се намалат емисиите на азотните оксиди, јаглеродниот моноксид, правта и другите загадувачки состојки. Ќе се подобри квалитетот на воздухот.“

Загаденоста на воздухот во Скопје повремено и за 20 пати поголема од дозволените граници“

Министерството за економија истакнува дека „е надминат социјалниот аспект на мерката за увоз на употребувани возила со Еуро 1 и Еуро 2 стандард“ и дополнува: „Граѓаните го губат интересот за купување на таквите возила, што е потврдено низ контактите со увозниците на употребувани возила. Бројот на увезените употребувани возила постојано опаѓа: во 2010 година биле увезени околу 55 илјади употребувани возила од сите категории, во 2011 околу 35 илјади, по околу 30 илјади во 2012 и во 2013 година, додека до септември 2014 година се внесени од странство само нецели 18 илјади возила од сите категории.“

Скопје и Тетово минатата година беа два европски града со најголема загаденост на воздухот, по Сараево, бидејќи имаа годишна концентрација на отровните таканаречени „ПМ 10“ честички во воздухот поголема од 100 микрограми на еден кубен метар. Годинашниве мерења во Скопје покажуваат и натаму огромно ниво на загаденост, напати и за 20 пати поголемо од дозволените граници. Последиците од испуштените гасови и честички од бензинските мотори и дизел-моторите од автомобилите, автобусите и товарните возила се исклучително тешки за здравјето на луѓето, а особено за децата. Во овој контекст д-р Весна Ангелевска, експерт за техничка експлоатација на моторни возила од државниот Технички факултет во Битола, прецизира: „Загадувањето на животната средина од моторните возила не е за запоставување: на пример, во Европската Унија патниот транспорт е одговорен за околу 20 проценти од сите испуштања на јаглероден двооксид, а во тоа патничките возила учествуваат со 12 отсто. Испуштањата на азотните оксиди, на јаглеродниот моноксид и на чадните честички за моторните возила, кои ги задоволуваат Еуро 1 и Еуро 2 стандардите, се околу 5 пати поголеми од вредностите на овие токсични компоненти за возилата кои ги задоволуваат Еуро 4 стандардите. Товарните возила со мотори според овие ниски норми го загадуваат воздухот со некои од отровните состојки дури за 18 до 30 пати повеќе во однос на Еуро 4 стандардите. Преминувањето на Еуро 4 ќе значи за 4 до 5 пати намалување на загадувањето на воздухот.“

„За катализатори за автомобилите 300 – 900 евра, а за камионите до 2000 евра“

Колку е реално да се очекува дека во природата и особено во македонските градови од 2015 година ќе започнат да се намалуваат сега застрашувачки високите нивоа на токсичните состојки создавани од согорувањето на моторите во возилата? Професорката Ангелевска е категорична: „Намалувањето на емисијата на штетни гасови во РМ ќе биде минимално на почетокот. Потребно е исфрлање од употреба на старите возила, примена на катализаторите кај возилата каде постои техноекономска исплатливост, поголема примена на јавниот градски превоз и посебна регулација на сообраќајот во градовите каде загадувањето е најголемо, за да имаме почиста околина. Владата треба да ја согледа можноста за субвенционирање при замена на старите возила со нови, преку намалување на давачките кон државата, или давање кредити со помали каматни стапки.“

„Ако ме принудат да стават катализатор, ќе го однесам возилото на отпад“

Сопствениците на половни возила во врска со преминувањето на новите, построги еколошки стандарди, стравуваат од големи трошоци.

М. Димитровски, возач на автомобил со Еуро 2 норма, укажува: „Сакаат сега да ги задоволуваме строгите еколошки норми на ЕУ, што е во ред. Но, државните институции нека ни овозможат да поставиме катализатори, на пример, нека се дадат олеснувања при набавката нешто во вид на финансиска помош, субвенции, или како ќе се нарече.“

Х. Муртезани, сопственик на товарно возило со Еуро стандард 1, кое го купил „на старо“ од Италија, се жали: „Од каде ми се мене 1200 евра колку што ми рекоа дека би чинел понов катализатор? Имаат и поскапи, можам да бирам каков сакам! Само да платам! А за работна рака плус уште 140 евра и нагоре! Ако ме принудат да морам да ставам прочистувач на издувните гасови од моторот, тогаш ќе го однесам камионот во отпад, тогаш можеби и ќе заработам нешто, наместо само да давам пари.“

Ѓ. Николовски, кој своето „милениче“ на четири тркала го купил половно, со Еуро 1 норма, исто така од странство, напоменува: „Моето возило од поодамна ’исфрла црно’ од ауспухот, бидејќи има дизел – мотор, ем и стар, но, што да правам? Цените на нов автомобил се ’дигнати’ до небо: треба да платам данок, царина, регистрација … Овој го зедов за 3500 евра со мотор од 130 коњски сили и толку ми е силата на џебот. Ако наложат да ставаме катализатори, веќе нема да го возам.“

Д-р Ангелевска коментира: „За вградување катализатор кај автомобилите треба да се платат околу 500 евра, а кај товарните возила најмалку 1000 до 2000 евра. Катализатори не можат да се поставуваат кај сите постојни возила во земјата, туку тоа зависи од типот на моторот, расположливиот простор на возилото за поставување на катализаторот и од неговата функционалност. Битна е и техноекономската исплатливост, со оглед на тоа што цената на чинење на старите возила е нешто повисока, или иста со вредноста на катализаторот. Постојат можности и решенија за намалување на загадувањето. Една можност е Владата да процени дали може да субвенционира при замена на старите возила со нови, преку намалување на давачките кон државата, или давање кредити со помали каматни стапки.“

Обврска или не?

ДВ го праша Министерството за економија: дали е предвидена обврска за граѓаните задолжително да поставуваат катализатори на своите половни автомобили? Портпаролот на оваа институција Наим Вренези одговара: „Важечките закони не предвидуваат обврска во старите автомобили да се инсталираат катализатори, или други видови еколошки системи, за да се редуцира емисијата на јаглеродниот моноксид и другите токсични издувни гасови. Граѓаните кои имаат возила со Еуро 1 и Еуро 2 немаат обврска да ги ‘преадаптираат’, ако се технички исправни, односно, ако ги задржале карактеристиките декларирани од страна на производителот. Еднаш регистрираните возила, без разлика кој Еуро-стандард го исполнуваат, можат непречено да се регистрираат, ако се технички исправни.“

 

Извор:  DW