УНИ Банка во 2020 година делуваше во согласност со приоритетните цели и задачи дефинирани во усвоениот ревидиран бизнис план за 2020 година. Клучна цел беше остварување на профит и раст согласно бизнис целите преку оптимално ангажирање на изворите на средства во сигурни и профитабилни пласмани, водејќи притоа сметка за потребите и интересите на клиентите на банката.

Остварените вкупни приходи од работење во 2020 година изнесуваат 1.619,6 милиони денари  и во однос на минатата година бележат пораст од 5,1%.

Најголем придонес во остварувањето на позитивен финансиски резултат во износ од 374 милиони денари имаат приходите од камати како најзначаен елемент на банкарските приходи.

Имено, во структурата на вкупните приходи (приходи од камати, приходи од провизии и надомести, нето-приходи/расходи од курсни разлики и останати приходи од дејноста), најголемо учество од 69,2% имаат приходи од камати, кои во споредба со 2019 година се зголемени за 4,8%, како резултат на порастот на кредитното портфолио кое во однос на 31.12.2019 се зголеми за 2,2% и достигна ниво од 16,7 милијарди денари.

Анализата на секторската структура на приходите од камати покажува поголема ориентација на банката кон кредитирање на секторот населениеи соодветно е остварен годишен пораст од 5,4 проценти на приходите од камати на население. Зголемувањето на вкупните приходи се должи и на порастот на приходите на провизии од 7,4% како резултат на растечкиот тренд на дигитализација во користењето на банкарските услуги и продукти.

Остварените расходи во 2020 година изнесуваат 1.245,8 милиони денари и бележат намалување од 3,3% во однос на 2019 година. Придонес во намалувањето на расходите на банката имаат расходите од камати, дел од административните расходи како и помалиот износ на издвоени средства за зајакнување на резервациите по кредити.

Исплатени дивиденди

Во текот на 2020 година, банката нема исплатено дивиденди.

Обврски по кредити

Обврските по кредити во 2020 година се зголемени за 3,6% во однос на 31.12.2019 година.

Исполнување на планот и очекувања за претстојниот период

Податоците за остварување на билансните цели на банката се на нивото на ревидираните очекувања за 2020 година. Банката заклучно со последниот квартал од 2020 година бележи пораст од 4,6% на кредитирањето на секторот население во однос на Декември 2019.

Анализата на структурата на пасивата на билансот на состојба за 2020 година и нејзината споредба со планираната укажуваат на 97% исполнување на таргетираните извори на финансирање од секторот население, кои се зголемени за 5,9% во однос на 31.12.2019, додека прибраните средства од финансискиот сектор бележат намалување од 5,6% и се под таргетираното ниво за 2020 година.

Светската пандемија предизвикана од COVID-19 имаше силни економски последици врз глобалната економија, а следствено на тоа и врз македонската економија.

Народна банка и Владата на РСМ донесоа повеќе мерки во насока на ублажување на последиците од пандемијата врз финансискиот систем во државата. Согласно новонастанатата ситуација со COVID-19, НБРСМ донесе Одлука за изменување и дополнување на одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик со цел олабавување на условите при преземање и мерење на кредитниот ризик, во времетраење на вонредната состојба, предизвикана од COVID-19.

Банката ги следеше економските трендови во националната, регионалната и глобалната економија со цел да се здобие со корисни информации во процесот на донесување на соодветни деловни одлуки.

Својата активност во 2020 година, Банката ја остваруваше во значително изменети макроекономски услови во однос на првичните проекциите на раст на домашната економија предвидени со финансискиот план за 2020 година.

Следствено на тоа, Банката ги презема сите неопходни мерки и активности за прилагодување на своето работење на новонастанатите состојби. Во таа насока Банката направи ревизија на првичните проекции и изготви нов ревидиран план за 2020 година, со цел усогласување на растот на кредитното и депозитното портфолио, а аналогно на тоа и на приходите и расходите од камати согласно новонастанатата ситуација предизвикана од COVID-19, водејќи сметка при тоа за одржување на квалитетот на кредитното портфолио и изнаоѓање на флексибилни решенија согласно потребите и барањата на клиентите кои се најзасегнати со последиците од здравствената и економската криза.

Неизвесноста за времетраење на пандемијата и покрај оптимистичките најави за вакцинација продолжува и во 2021 година, во која се очекува да се чувствуваат продолжените ефекти кои и понатаму претставуваат голем ризик за опоравување на светската, а аналогно на тоа и на македонската економија, бидејќи долгорочната примена на мерките за социјално дистанцирање ќе влијаат на приходите и потрошувачката на домаќинствата.

Во фокусот на Банката и во 2021 година ќе биде одржувањето и зголемување на пазарниот удел по различни сегменти во банкарскиот сектор на Република С.Македонија во зависност од преземениот ризик, влијанието на адекватноста на капиталот и профитабилноста. Како и досега, Банката интензивно ќе работи на развој на знаењето и вештините на човечките ресурси како главен столб на доброто работење, како и на дигитализацијата и постојаниот технолошки развој кој особено дојде до израз во периодот на здравствено економската криза предизвикана од COVID 19, а се со цел да излеземе во пресрет на различните потреби на клиентите.