Такво нешто од Министерството за животна средина бараат 17 градоначалници од истокот и североистокот од државата. Од Министерството за животна средина, потврдуваат дека оваа општина ќе остане без ингегеренции, но не и без претставници во регионалното комунално претпријатие.

Почна постапката за одземање на ингеренциите на општина Свети Николе во делот на регионалната депонија. Такво барање веќе има од градоначалниците од истокот, се чека на формалното мислење на градоначалниците од северот на државата, иако и тие се согласни дека проектот мора да продолжи. Ваквиот развој на настаните доаѓа по противењето на локалната власт на Свети Николе и блокадата на проектот.

На крајот од февруари, Советот на Свети Николе одржа отворена седница и донесе одлука дека ќе почне постапка за промена на локацијата. Ќе распишат и референдум, што ќе го одржат со сопствени средства. Но засега Мечкуевци останува локација за фабриката за отпад и депонија. Од Министерството за животна средина, потврдуваат оваа општина ќе остане без ингегеренции, но не и без претставници во регионалното комунално претпријатие.

„Одземањето на ингеренциите ќе биде во делот на функционирање на регионалното комунално претпријатие за управување со депонијата. Наместо општината, двајца претставници, жители на Свети Николе ќе предложи Министерството, по што процесот ќе може да продолжи и да се чека распишување на тендерот, што би требало да се случи годинава“, велат од Министерството за животна средина.

Преку проектот за Регионална депонија 18-те општини веќе добија камиони и контејнери за отпад, но поради административни пречки и недостаток на урбанистички планови не е започнат и процесот на чистење на депониите и изградба на претоварните станици. Проектот за регионална депонија почна пред 12 години. Парите се грант од Европската унија, а проектот вреден 46 милиони евра се реализира во неколку фази.